Македонија

Фирма за плочки од Џепчиште донира детални урбанистички планови за Тетово, од „Тетово сака парк“ гледаат коруптивно поведение

Фирма за плочки од Џепчиште донира детални урбанистички планови за Тетово, од „Тетово сака парк“ гледаат коруптивно поведение

Во медиумите вчера проструи информација дека на седница на Советот на Општина Тетово била усвоена одлука за прием на донација со која фирмата „Збукурими“ од село Џепчиште се обврзала дека ќе ја „донира“ изработката на четири Детални урбанистички планови. Законската регулатива и онака е матна во овој контекст, и дозволува иницијатор за промена на урбанистички план да биде било кое заинтересирано правно или физичко лице, кое по прифаќањето на иницијативата од страна на Општината, се обврзува да ја финансира и изработката на планот за кој тоа лице поднело иницијатива. Но, во овој случај фирмата се јавува како донатор, а не како иницијатор, велат од Тетово сака парк.

Претседателот на Советот, г. Бесар Дурмиши, изјавил за медиумите дека не го знае точно мотивот на фирмата за давање на ваква донација, но претпоставил дека тоа е во знак на благодарност кон Општината, бидејќи во минатото Општината на некои фирми им завршувала работа, додека на други не. Понатаму, Дурмиши изјавил дека „Збукурими“ ќе гради на друго место, не во делот за каде ја финансира изработката на плановите.

⚠️ Логично, произлегуваат неколку прашања кои ги поставуваме јавно до г. Дурмиши, до членовите на Советот на Општина Тетово и до општинските служби:

1. Дали „Збукурими“ се оддолжува за нешто на Општината?
2. Што подразбира Дурмиши кога вели дека Општината „завршува“ работа, па фирмата е благодарна?
Општината е должна да постапи согласно закон во сите управни постапки и процеси, и во таа смисла секое „завршување“ на работа кое повлекува посебна благодарност може да се смета како издавање од Општината некаков документ (одобрение, дозвола и др.) незаконски.
3. Не мисли ли Дурмиши дека „Збукурими“ ја подмитува Општината на овој начин?
4. Како претседавач на Совет на Општина е запознаен кој каде ќе гради во иднина, кога тоа не е во негова надлежност?
5. Во колку предмети со Општина Тетово во моментов една од страните е фирмата „Збукурими“?
Наредниов период ќе поднесеме претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поради основани индиции дека ваквите донации претставуваат коруптивно поведение.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни