Македонија

Фирмите од денеска можат неограничено да ги користат новите приливи во „АЛТА банка“

Фирмите од денеска можат неограничено да ги користат новите приливи во „АЛТА банка“

Правните лица од денеска, 25 ноември, можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, доколку парите се префрлени од сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги, соопшти Народната банка.

Тоа значи дека фирмите можат без ограничување на износот да ги користат дополнително примените средства врз оваа основа. Можноста се однесува на новите приливи од други банки и даватели на платежни услуги, а не претставува општо укинување на ограничувањата за располагање со средствата во банката.

Истата можност веќе ја имаат и физичките лица. Тие можат целосно да ги користат новите приливи, вклучително и плати, пензии и социјални трансфери, ако исплатувачите ги префрлаат од сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги.

Од Народната банка посочуваат дека за примање и користење на овие средства клиентите немаат потреба да отвораат сметка во друга банка. Со парите можат да располагаат преку електронско и мобилно банкарство, со платежна картичка или со подигање готовина на отворените шалтери.

За средствата што остануваат опфатени со ограничувањата и натаму важат лимитите од 15.000 денари неделно за клиентите со платежни картички и 20.000 денари во период од две недели за клиентите без картички.

Овие лимити се применуваат збирно за сите сметки на клиентот и за сите канали на плаќање и повлекување средства.

Продолжуваат да работат филијалите во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во скопскиот трговски центар „Бисер“. На шалтерите клиентите можат да подигнуваат готовина согласно важечките услови и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Народната банка наведува дека продолжува да ја следи состојбата и да презема активности за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства.

Ноќно студио

Најнова епизода

🔴 ВО ЖИВО | Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни