Астрономите направија детални снимки од две ѕвездени експлозии, обезбедувајќи досега невиден увид во раните фази на овие моќни космички настани. „Нова“ настанува кога бела џуџеста ѕвезда, густи остатоци од ѕвезда слична на Сонцето, привлекува материјал од својата придружна ѕвезда.
Кога натрупаниот материјал, претежно водород, на површината на белата џуџеста достигне критична маса, се случува термонуклеарна експлозија. Овие експлозии во краток временски период ослободуваат иста количина енергија како Сонцето за околу 100.000 години.
Иако „новите“ се видливи на ноќното небо, астрономите досега можеле само да претпоставуваат што се случува во раните фази на експлозијата, бидејќи ваквите настани е тешко директно да се набљудуваат. Материјалот кој експлодирал обично се прикажувал како една светла точка, но новите снимки сега овозможуваат подетален увид.
– Овие набљудувања ни овозможуваат да ја гледаме експлозијата на ѕвездите во реално време, нешто што е многу комплицирано и долго време се сметало за исклучително предизвикувачко – рече Елиас Ајди, главен автор на студијата објавена во „Nature Astronomy“ и професор на Универзитетот Тексас Тек.
– Наместо да гледаме само еден едноставен блесок на светлина, сега откриваме како навистина се одвиваат овие експлозии.
Напредна техника на набљудување
Снимките главно се направени со техника на интерферометрија користејќи низа телескопи CHARA на Универзитетот Georgia State. Оваа метода ги комбинира светлосните зраци од повеќе извори за да се создаде модел кој астрономите можат да го анализираат. Кога телескопите се насочени кон иста точка на небото, тие функционираат како еден голем инструмент.
Податоците од CHARA се дополнети со снимки од други опсерватории, вклучувајќи го вселенскиот телескоп Fermi на НАСА, кој набљудува високоенергетски гама-зраци, и опсерваторијата Gemini на Хаваи.

Два различни случаи
Студијата покажа дека „новите“ се значително посложени отколку што се претпоставувало. Една од набљудуваните, V1674 Herculis, се покажала како една од најбрзите забележани, достигнувајќи врв на сјај пред да избледее за само неколку дена.
Се забележани два различни исфрлања на гас, што сугерира дека експлозијата вклучувала повеќекратни исфрлувања на материјалот. Тие исфрлувања емитувале гама-зраци, кои обично се поврзуваат со супернови што создаваат црни дупки.
Другата набљудувана „нова“, V1405 Cassiopeiae, се одвивала значително побавно и ѝ биле потребни повеќе од педесет дена за да го исфрли целиот експлодирал материјал.
Во тој период, белиот џуџест бил опкружен со сфера од гас што ги опфатило и двете ѕвезди, формирајќи ретка структура наречена „заедничка обвивка“. Кога обвивката конечно се распрснала, исфрлувањето исто така произвело гама-зраци кои биле забележани од телескопот Fermi.
Фактот дека и двата настани произвеле гама-зраци покажува дека „новите“ се вистински лаборатории за екстремна физика, истакна коавторката Лаура Хомиук, професорка на Универзитетот Michigan State. Таа додаде дека тоа може да им помогне на научниците да „ги поврзат точките помеѓу нуклеарните реакции на површината на ѕвездата, геометријата на исфрлениот материјал и високоенергетското зрачење што го детектираме од вселената“.
