Селото Галичник се соочува со сериозно оштетување на патот кој минува низ него, поради свлекување на земјиште. Оваа ситуација претставува голема опасност за безбедноста на жителите, посетителите и туристите, информираат од месната заедница.
Патот, кој е од клучно значење за секојдневната комуникација и функционирање на заедницата, е во критична состојба, што може да резултира со прекин на пристапот до селото.

– Патот, кој е од витално значење за комуникацијата и секојдневниот живот во Галичник, во моментот е сериозно оштетен. Состојбата е таква што има потенцијал целосно да се прекине пристапот до нашата заедница. Ситуацијата претставува опасност не само за безбедноста на луѓето, туку и за нормалното функционирање на сите активности во местото, стои во информацијата од месната заедница Галичник.
Од месната заедница апелираат до надлежните институции, вклучително ЦУК и МВР, за итна реакција и санација на оштетениот пат, особено во пресрет на летната сезона, кога се очекува зголемен број туристи и културни настани.