Хеликоптерите кои беа вклучени во гаснењето на пожарот меѓу селата Блаце и Чучер се принудени да се повлечат поради паѓањето на мракот. Од Центарот за управување со кризи информираат дека воздушната интервенција е прекината и дека гаснењето од воздух ќе продолжи утре рано наутро, штом се создадат услови.
„Пред малку заврши воздушната интервенција, поради тоа што веќе се стемнува нема можност за гаснење од воздух. Со воздушна интервенција ќе се продолжи рано сабајле штом се раздени“, велат од ЦУК.
Поради сериозноста на ситуацијата, Општина Чучер Сандево свика вонредна седница на Советот и побара прогласување на вонредна состојба на територијата на општината. Пожарот и натаму зафаќа голема површина со мешана шума и ниска вегетација, а локалните противпожарни единици продолжуваат со напори да го спречат неговото ширење.