Државниот завод за ревизија утврди сериозни недостатоци во управувањето со книгите набавени преку проектот „Превод на 500 стручни и научни книги и учебници“ од врвни универзитети од САД, Англија, Франција и Германија. За овој проект, во периодот од 2012 до 2021 година, Министерството за образование и наука исплатило вкупно 814.763 илјади денари, односно приближно 13,25 милиони евра.
Иако проектот имал цел да обезбеди современа литература за унапредување на образовниот процес, ревизијата покажа дека книгите сè уште не се дистрибуирани до државните органи. Наместо тоа, тие се чуваат во магацин во Гостивар, каде што не се води целосна евиденција за нивниот прием и издавање, ниту е извршен редовен попис.
Ревизорите констатирале и дека условите за чување се несоодветни. Поради влага и температурни промени, дел од книгите веќе се оштетени, што значи дека значителен дел од јавните средства се трошени без да се обезбеди целта за која биле предвидени.
Со овој наод, Државниот завод за ревизија уште еднаш алармира за слабостите во управувањето со јавните ресурси и неопходноста од преземање мерки за заштита и функционално искористување на вложените средства.