ФОТО На северот на Хрватска падна снег

Во три северни жупании на Хрватска – Крапинско-загорска, Меџимурска и Вараждинска, денеска до 8 часот утрово падна снег во висина од 3 до 10 сантиметри. Екипите на зимската служба се активни на терен, а поголеми проблеми во сообраќајот засега нема.

Во Крапинско-загорската жупанија, снегот се задржа во долините во висина од 3 до 5 сантиметри, а на повисоките ридови од 5 до 10 сантиметри. На терен се 22 екипи на зимската служба, изјави Гордан Трамишак, раководител на Одделот за одржување и заштита на жупаниските и локалните патишта при Жупаниската управа за патишта (ЖУЦ).

„На речиси целата територија на жупанијата паѓа снег или дожд со снег во долините и на ридовите, во комбинација со посилен ветер кој по чистењето повторно нанесува снег на патиштата. Камионите на зимската служба се на патиштата и вршат чистење и посипување на жупаниските и локалните патишта“, изјави Трамишак.

Тој потенцираше дека во овие зимски услови е забранет сообраќајот за тешки товарни возила со приколки и полуприколки, а возачите се должни да ја прилагодат брзината и техниката на возење на условите на патот, со намалена брзина и со должна претпазливост.

Десетина сантиметри снег во Вараждинската жупанија

Директорот на ЖУЦ во Вараждинската жупанија, Томислав Осоњачки, истакна дека снегот почнал да паѓа во текот на ноќта, а на терен се 40 екипи на зимската служба.

„Се посипува со сол и, по потреба, се чисти. До 8 часот на нашата територија паднаа десетина сантиметри снег и нема поголеми проблеми во сообраќајот“, изјави Осоњачки. Тој додаде дека во некои делови на жупанијата, како во регионот на Лудбрег, снегот штотуку почнал да паѓа.

Најповолна ситуација во Меџимурската жупанија

Најдобра ситуација во моментот е во Меџимурската жупанија. Според Стјепан Марчец, член на Стручниот совет на ЖУЦ, снегот во утринските часови почнал да паѓа покрај границата со Словенија, а сега се проширува и во другите делови на жупанијата. Сепак, снегот не е поголем од неколку сантиметри.

„Според нашите сознанија, снегот изнесува од три до четири сантиметри, а максимално пет сантиметри во пограничните подрачја. Проблеми во сообраќајот нема, а надвор се седум екипи кои по потреба посипуваат со сол или чистат таму каде што е потребно“, изјави Марчец.