Новоотворениот ресторан во рамки на туристичкиот комплекс „Македонско Село“ во Скопје нуди богато традиционално македонско мени, но дел од посетителите изразуваат незадоволство од, како што велат, високите цени на храната и пијалаците.

И покрај автентичната атмосфера, етно-амбиентот и природната околина, на социјалните мрежи се појавија реакции дека ценовникот повеќе одговара на елитни угостителски објекти отколку на место кое треба да биде достапно за домашните туристи и семејства.

„Македонско Село“ важи за еден од поатрактивните туристички капацитети во Скопје, кој комбинира традиција, природа и гастрономија. Но, дел од јавноста прашува дали високите цени се оправдани и дали на ваков начин се поттикнува или обесхрабрува домашниот туризам.