Тешката метална порта е затворена, симболично ставајќи крај на една приказна, но отворајќи го долгото и мачно поглавје на барање одговорност. Зад неа останаа прашањата на кои семејствата на настраданите сè уште го чекаат одговорот.

Денеска се навршуваат точно шест месеци од кобната ноќ кога во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани згаснаа 62 животи, од кои шест беа детски. Шест месеци тага, болка и борба за правда, додека руините на објектот стојат како тивок и морничав споменик на една од најголемите несреќи во поновата македонска историја.
Натписот „Club Pulse“ сè уште стои над влезот. Името на местото кое требаше да биде синоним за забава, денес е синоним за трагедија и за незаборав.

Покривот на објектот е целосно урнат, оставен како отворена рана кон небото. Изгорените греди и уништената конструкција сведочат за силината на огнената стихија која за само неколку минути проголта десетици млади животи.

Погледот низ изгорените врати открива пејзаж од пепел, остатоци и пустош. Онаму каде што некогаш имаше музика и смеа, денес владее само тишина, прекината од ветрот што поминува низ руините.

Шест месеци по трагедијата, правната постапка е во тек, со обвиненија против повеќе од 30 лица и неколку фирми, вклучително и против сопственикот на објектот. Во меѓувреме, граѓанското движење „Кој е следен?“ и семејствата на жртвите не застануваат со борбата за правда, со вечерашен собир во Скопје и секојдневни потсетувања дека оваа трагедија не смее да се заборави, ниту да се повтори.