ФОТО: Закажана пленарна седница за интерпелација на собранискиот спикер Африм Гаши

Пленарна седница за интерпелација на претседателот на Собранието, Африм Гаши е закажана за 3. септември.

Барањето за интерпелација е поднесено од шестмината пратеници на Левица, наведувајќи дека Гаши уште од неговото назначување работи нестручно, несовесно и непрофесионално.

Од Левица наведуваат дека интерпелацијата ја поднеле од неколку причини. Прво поради тоа што Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва.

Како втора причина за барање одговорност од Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Според Левица, Гаши како претседател на законодавниот дом направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја даде на албански, а не на македонски јазик. Сметаат и дека го злоупотребил Законот за државни симболи затоа што во слата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија, а не ставил на дневен ред точка за констатирање на престанок на пратеничката функција на Талат Џафери кој во исто време сѐ уште ја извршуваше функцијата технички премиер.

Пратениците од Левица наведуваат и дека при посетата на Гаши на Вашингтон за време на Самитот на НАТО со него патувала и неговата сопруга.