Фрчкоски поднесе оставка – Мицкоски: Некој го партизирал МНР, многу работи ќе излезат на виделина

Амбасадорот Љубомир Фрчкоски си поднесе оставка од функцијата шеф на Мисијата во Обединетите нации во Њујорк. Ова следува откако министерот Тимчо Муцунски го повика на консултации поради евентуални финансиски неправилности, кои Фрчкоски ги демантираше. Амбасадорот вели дека со оставката нема да се наруши функционирањето на Мисијата во техничка смисла, но може да се направи штета по иницијативата на Македонија во Обединетите нации во областа на превенција на геноциди.

„Ако оваа иницијатива пропадне поради изгубеност, незаинтересираност или лоша волја на Министерот и министерството (наводно рекол: „тоа Фрчко си прави себе-промоција“) тоа ќе биде испуштање на историска шанса за здрава промоција на земјата на клучните прашања во ООН и воедно брука за земјата која без континуитет и проценка, на основа на ресентименти ја води својата надворешна политика и ја дезавуира својата политичка позиција на сериозен партнер. Но, тоа е што е, не може со сила некому да му се даде памет и доблест.“, рече Фрчкоски.

Од МНР појаснија дека сега на потег е претседателката на државата. Оттаму воедно додаваат дека Фрчкоски не се појавил на консултациите, но надлежните институции ќе треба да ја финишираат постапката.

„Поврзано со консултациите на кои беше повикан амбасадорот Фрчкоски од страна на Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски укажуваме дека истите не беа остварени како резултат на дадено образложение од амбасадорот дека не е во состојба да присуствува на истите заради здравствени причини.“, велат од МНР.

Засега не се знае кој ќе го наследи Фрчкоски на позицијата, а премиерот Христијан Мицкоски информира дека во моментов течат консултации за повеќе амбасадорски места. Премиерот ја искоментира и состојбата со дипломатската мрежа и кадрите во МНР.

„Некој ја приватизирал и партизирал, за жал, таа институција и сега веќе полека, но сигурно, се ослободува и многу други работи ќе излезат на виделина. Многу скоро од денеска, јас реков, еве септември месец доаѓа и многу скоро од денеска многу работи ќе излезат на виделина.“, вели Мицкоски.

Инаку, неодамна во МНР на консултации беа повикани и амбасадорите Андреј Жерновски од Букурешт, Весел Мемеди од Рим и Данчо Марковски од Тирана.