Недостигот од политички договор за одредени прашања и зачестеното носење закони по скратена постапка остануваат меѓу забелешките за работата на македонското Собрание во Извештајот на Европската комисија за 2026 година.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по приемот на документот од евроамбасадорот Михалис Рокас, порача дека критиките се прифаќаат со сериозност и дека ќе продолжи да работи на зајакнување на политичкиот дијалог и парламентарната соработка.
Во објава на Фејсбук, Гаши посочи дека извештајот не треба да се гледа само како оценка за досегашната работа на институциите, туку и како насока за реформите што државата треба да ги спроведе во следниот период.
Покрај забелешките, тој ги издвои и позитивните оценки за функционирањето на законодавниот дом. Според Гаши, Европската комисија го нотирала напредокот во усвојувањето на Етичкиот кодекс, Стратешкиот план за периодот 2027–2031 година и зајакнувањето на механизмите за парламентарен надзор.
Како позитивен исчекор го посочи и постигнатиот меѓупартиски консензус за одредени значајни институционални именувања.
Сепак, претседателот на Собранието призна дека политичките несогласувања и употребата на скратените законодавни постапки се прашања на кои во иднина ќе мора да им се посвети поголемо внимание.
Тој нагласи дека Собранието треба да биде институција во која ќе се градат договори и ќе се обезбедува поддршка за реформските процеси, особено за оние поврзани со европската интеграција.
Гаши повтори дека полноправното членство во Европската Унија останува стратешка цел на државата и порача дека новиот извештај треба да биде мотив за побрзо спроведување на реформите и исполнување на европските стандарди.