Македонија

Гаши: Македонскиот јазик го учам и зборувам истовремено со албанскиот од моите први години

Гаши: Македонскиот јазик го учам и зборувам истовремено со албанскиот од моите први години

Вечерва во гостување на ТВ Телма во емисијата „Топ Тема“, новиот спикер на Собранието Африм Гаши на прашањето зошто заклетвата во вторникот во Собранието ја дал прво на албански, а потоа на македонски јазик, одговори дека било техничка работа и „не би сакал да се вовлече во дневна политика со такви мали работи“, а употребата на албанскиот јазик во Собранието, рече, е регулирана во 2008-2009.

-Тој ден беше празник за демократијата во Северна Македонија, се конституираше Собранието. Тоа е дневна политика и партиите го користат за некој евтин пи-ар. Јас не би сакал на тоа ниво да се симнам и да коментирам такви коментари. Немам никаков проблем со македонскиот јазик, го учам и зборувам истовремено со албанскиот од моите први години. Немам анимозитет кон македонскиот. Конститутивната седница беше подготвена од службите во Собранието, кои се професионалци и тоа беше технички, можеше прво да биде на македонски, битно е дека се прочита на македонски, додаде Гаши.

На прашањето дали сè уште се залага за „заедница на албански општини во Македонија“,одговори дека тоа било став на генералниот секретар на неговата партија Алтернатива и дека идејата била соработка во сегменти што ги засегаат жителите на тие општини, а темата тогаш, рече се  политизирала и и се дало националистички предзнак.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни