Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во новото издание на „Стадион“ на Канал 77 говореше за актуелните теми кои деновиве постојано ја брануваат јавноста, а во една прилика се обрати и за работата и начинот функционирање на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
Како што истакна тој, иако е свесен за можните притисоци и политички влијанија, сепак, потенцираше дека одлуката на градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, за напуштање на ЗЕЛС е избрзана.
„Верувам дека работата на градоначалникот е отежната, можеби има и политички влијанија и притисоци, но одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана. Проблемот со питката вода за пиење во Струмица е евидентен и сигурен сум за притисокот кој се чувствува од граѓаните, но сметам дека пред да се донесе конечна одлука претходно е неопходна координација, состанок и решавање на проблемите на маса“, рече Герасимовски.
На ова преку својот Фејсбук профил одговори и градоначалникот Костадинов.
Според него, ова не е избрзана одлука, туку решителност да ги заштити интересите на сограѓаните.
„Почитуван колега Горан, Сакам да се осврнам на твојата забелешка кажана во гостување на емисија Стадион на Канал77 во врска со мојата одлука за напуштање на ЗЕЛС. Во ова време на предизвици за СДСМ, од клучно значење е одржувањето на единството и колегијалноста. Недостатокот на сериозен политички однос и реално поимање на ситуацијата може да доведе до нова дестабилизација во нашите редови. Не се работи за избрзана одлука, туку за решителност да заштитам интересите на моите сограѓани. Се надевам дека и ти, со истата посветеност, ќе ги штитиш интересите на граѓаните на општина Центар. Во овој момент, верувам дека е поважно да размислуваме за поддршка на одлуките, отколку да констатираме или толкуваме. Политички СТАВ или партиска кариера се градат исклучиво на постулатот на единството. Така било, така е, а така и ќе биде. Само силни и сплотени можеме да биеме битки“, вели Костадинов.