Иако Општина Центар располага со доволни просторни капацитети во детските градинки, недостигот од стручен кадар станува сериозен предизвик за нивното функционирање.
Градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ откри дека во моментов недостигаат приближно 12 негувателки и други стручни лица, главно поради заминување на вработените во пензија.
„Се соочуваме со ситуација во одредени градинки да имаме одлични услови и доволни капацитети, но недоволен број кадар кој треба да се грижи за децата“, истакна Герасимовски.
Тој објасни дека проблемот не се однесува на отворање дополнителни работни места, туку на пополнување на веќе постојните позиции кои останале испразнети поради пензионирање.
„Во моментот мислам дека ни недостигаат околу 12 негувателки и стручен кадар во градинките поради пензионирање. Не зборуваме за нови вработувања, туку за пополнување на испразнетите работни места“, рече градоначалникот.
Герасимовски информираше дека за овој проблем неодамна разговарал со ресорниот министер, заедно со претставници на Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС.
На средбата, како што посочи, биле изнесени барањата и проблемите со кои се соочуваат повеќе општини при обезбедувањето потребен персонал за детските градинки.
Тој изрази очекување дека надлежните институции наскоро ќе дадат согласност за пополнување на испразнетите работни места.
Герасимовски нагласи дека очекува еднаков третман за сите општини, без оглед на политичката припадност на нивните градоначалници.
„Верувам дека ќе добиеме подеднаков и рамномерен однос кон нашите барања, како што добиваат и другите општини. Не треба да има дискриминаторски однос поради политичката определба“, порача тој.
Според градоначалникот, решавањето на кадровскиот недостиг е неопходно за целосно искористување на капацитетите и одржување на квалитетот на услугите во предучилишното образование.