И година и половина по трагедијата во Кочани, дел од преживеаните сè уште се соочуваат со сериозни здравствени последици и ограничена подвижност на рацете и нозете. За подобрување на нивната функционалност и квалитетот на животот, во изминатите три дена македонски и израелски хирурзи извршиле операции на шаките кај 16 пациенти.
Хируршките интервенции биле спроведени во Општата болница во Кочани и на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, со поддршка на специјалисти од Израел.
Директорот на Националниот центар за изгореници во израелскиот медицински центар „Шеба“, д-р Моти Харац, истакна дека кај пациентите е забележлив напредок во споредба со периодот непосредно по трагедијата. Сепак, предупреди дека лекувањето на тешките изгореници е долготраен процес, а рехабилитацијата претставува особено голем предизвик.
Директорката на кочанската болница, д-р Катерина Мирчовска, нагласи дека оперативните зафати се само еден дел од лекувањето и дека клучна улога во враќањето на функцијата на шаките ќе има физикалната терапија.
Дел од веќе оперираните пациенти ќе имаат потреба од дополнителни интервенции, додека слични операции се очекуваат и кај уште петнаесетина повредени.
Здравствените власти бараат решение и за еден од потешко повредените пациенти, кому му се потребни повеќе последователни хируршки зафати, а кој изразил желба лекувањето да продолжи во Македонија.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека дел од повредените и понатаму се лекуваат во странство. Меѓу нив е и пациент кој студира во Словенија, за кого се прават напори потребниот третман да биде организиран таму.
Според д-р Гордана Георгиева од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, благодарение на физикалната терапија и употребата на компресивна облека, дел од пациентите, вклучително и оние со ампутирани прсти, успеваат самостојно да ги извршуваат секојдневните активности. Таа посочи дека околу четворица пациенти сè уште имаат потреба од помош од друго лице.
И македонските и израелските лекари предупредуваат дека кај дел од преживеаните процесот на закрепнување ќе трае со години.
Во трагедијата во Кочани, која се случи на 16 март 2025 година, животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.