Голем пожар избувна попладнево во реонот на село Николиќ, Општина Дојран, зафаќајќи нискостеблеста шума и заканувајќи се да се прошири кон блиските населени места. Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, излезе со итен апел до сите надлежни институции – потребна е итна воздушна поддршка!
„Потребна е воздушна помош поради алармантната состојба со пожарот во село Николиќ!“ предупредува Ангов.
Општинските служби и пожарникарите веќе се на терен, но поради густата вегетација и високите температури, пожарот се движи во повеќе насоки. Локалното население исто така се мобилизира, но силниот ветар ја отежнува контролата на огнот.
Општина Дојран апелира за координација со Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, со цел во најкус можен рок да се вклучи воздушна поддршка во гаснењето.
Граѓаните се повикуваат на внимателност, посебно оние што живеат во околните села, и да не се приближуваат до жариштата без заштитна опрема. Ситуацијата се менува од час во час, а приоритет е заштита на населението и спречување на поголема катастрофа.