Околу 14 часот денеска, во населбата Трајаново Трло во Кочани избувна голем пожар, во кој изгореа околу 15 хектари нискостеблеста вегетација и зимзелена шума, а огнот зафати и една куќа, која е целосно уништена.
Пожарот започнал во близина на населбата и поради силниот ветер брзо се проширил кон шумата на падините на Осоговските Планини. Екипите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво од Кочани интервенирале со осум противпожарни возила. Помош во гаснењето дале и комуналното претпријатие „Водовод“, како и месни жители.
– И покрај напорите да го спречиме ширењето кон објектите во месноста Диви градби, силниот ветер го отежна гаснењето, па една од куќите беше зафатена од пламените јазици. Пожарот сега е локализиран и спречено е негово проширување кон шумскиот предел, каде има сува вегетација. Нема повредени лица, но е причинета значителна материјална штета – изјави Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Овој пожар избувна непосредно по интервенцијата на противпожарните служби кај фабриката за стиропор во индустриската зона, што значително ги оптовари службите со две големи интервенции во краток временски период.