Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ планира големи промени во дозволениот рачен багаж оваа година, како одговор на притисокот на Европската комисија да ги охрабри авиокомпаниите низ Европа да ги стандардизираат правилата.
„Рајанер“ објави дека ќе го зголеми бесплатниот дозволен рачен багаж за 20 проценти.
Во моментов, најголемата нискобуџетна авиокомпанија во Европа им овозможува на патниците бесплатно да носат торба со димензии 40 x 25 x 20 см, објавува британскиот „Експрес“.
Сепак, од крајот на октомври 2025 година, сè ќе се промени. Од почетокот на зимската сезона, новите димензии на рачниот багаж ќе бидат 40 x 30 x 20 см.
„Авиокомпаниите за Европа“ (A4E), чиј член е „Рајанер“, одржаа разговори со европската комесарка за транспорт Адина Валеан во Брисел, со цел да им го олеснат патувањето на патниците.
Организацијата тврди дека „сите авиокомпании A4E ќе ги воведат овие стандардизирани димензии и ќе ги имаат во сила до крајот на летото 2025 година“.
Уранија Георгуцаку, директорка на A4E, изјави:
„Ова ќе ги усогласи членовите на A4E со одлуката донесена од земјите-членки минатиот месец и ќе им донесе поголема јасност на патниците низ цела Европа. Од чести патници до семејства, сите ќе имаат корист од истото јасно правило во нашите мрежи на членови.“
Сепак, повеќето други авиокомпании ќе продолжат да ги применуваат своите тековни правила. British Airways, Jet2 и easyJet моментално имаат дозволени димензии што ги надминуваат новите „стандардизирани“ мерки.
Според The Independent, портпарол на easyJet потврди дека димензиите ќе останат исти – 45 x 36 x 20 см, што дава максимален волумен од 32 литри.
Ryanair се чини дека е единствената голема авиокомпанија што засега планира да ги воведе овие промени.