Градскиот воз треба да добие дополнителни краци со кои ќе се поврзат повеќе делови од Скопје, а една од приоритетните идеи е железничкото поврзување со аеродромот во Петровец, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Ѓорѓиевски, кој потсети дека потекнува од Драчево и дека како ученик го користел возот, вели дека постојната железничка инфраструктура претставува важна можност за намалување на зависноста од автомобилите.
„Од Драчево до Центар се стигнува за седум-осум минути. Многумина се сомневаа во тоа, но тие што го користат знаат дека е така“, рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека првата фаза од проектот предвидува поврзување на Зелениково со Скопје, со станици кај Драчево и Лисиче, како и подготовка на железничка станица кај населбата 11 Октомври – Бараки, со крајна точка на Транспортниот центар во Скопје.
Според него, ова ќе им понуди алтернатива на жителите од тој дел на градот наместо користење автомобил или автобус.
„Ние треба да имаме алтернатива на автомобилите, не само една, туку повеќе алтернативи, ако сакаме граѓаните навистина да работат заедно со нас за создавање еколошки град“, истакна градоначалникот.
Втора фаза – железничка врска со аеродромот
Како следен чекор, Ѓорѓиевски ја најави можноста за железничко поврзување со аеродромот „Скопје“ кај Петровец.
Тој идејата ја поврза со искуството од Сараево, каде што патниците по слетувањето можат директно да користат јавен превоз кон централното градско подрачје.
„Зошто да не ја искористиме инфраструктурата која ја имаме? Кон аеродромот Петровец имаме дел од инфраструктурата до Миладиновци, која треба да се продолжи“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, ваквата врска би била особено значајна и за туристите, имајќи предвид дека Скопје во 2028 година треба да биде Европска престолнина на културата.
Градоначалникот посочи дека подобрата поврзаност на аеродромот со центарот е неопходна и поради впечатокот што странските посетители го добиваат при пристигнувањето во земјата.
Нови краци кон Север и Ѓорче Петров
Во плановите е и изградба на нов крак од Транспортниот центар кон Скопје Север, како и поврзување на Транспортниот центар со Ѓорче Петров.
„На тој начин правиме краци на главниот град“, рече Ѓорѓиевски.
Паралелно со развојот на железничкиот транспорт, тој најави и подобро усогласување со автобускиот превоз.
Идејата е автобусите, вклучително и оние со кои располага градот, приватните превозници и новите автобуси што ги набавува Владата, да бидат организирани така што ќе овозможат полесно поврзување со железничкиот транспорт.