„Ако треба и законски да се имплементира, подготвени сме како градоначалници на скопските општини, да иницираме и измени во законот, за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани“.
Ова го изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, откако министерот за локјална самоуправа Златко Перински пред неколку дена кажа дека законски не е можно да се одземат ингеренциите од Град Скопје за управување на Комунална хигиена и Паркови и зеленило.
„Министерот Перински можеби даде тврдење дека законски е неприменливо да се премине директно кон одземање на ингеренциите, но секако не отстапуваме од идејата и доколку треба законски да се интервенира. Ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори тоа да се спроведе во пракса. Ова е недопустливо да се дозволи и понатаму да се случува. Ние сме подготвени како група да иницираме и измени во законот доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани“, рече Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС побара и Арсовска да поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
„За жал, скопјани се заложници на еден човек кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе и да го најде проблемот во себе. Знаеме дека станува збор за личност која е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот. Проблемите не се само за јавниот транспорт, проблеми имаме и во ‘Водовод’, проблеми имаме и во ‘Комунална хигиена’, во ‘Паркови и зеленило’, практично проблеми имаме во секое јавно претпријатие“, изјави Ѓорѓиевски.

