По вчерашните две соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ за безбедноста во Скопје, и после демантот на СДСМ, денеска уште еднаш Орце Ѓорѓиевски потенцираше дека главниот град не е безбедно место за живеење, а доказ за тоа се последните 24 часа кога се случиле неколку инциденти.
„Оливер Спасовски може да го злоупотребува МВР и медиумите и да лаже дека Скопје е побезбеден од Стокхолм и дека тоа е благодарение на него, но реалноста за жал е сосема поинаква.
Во Скопје владее безредие, а на удар се банки, бензински станици, локали и буквално секој што поседува пари или било каков имот.
Криминалот царува, особено пред избори кога партиите од власта не бираат средства за да ги наполнат нивните каси. Криминалците оперираат, Спасовски не презема ништо и затоа отворено се сомневаме дека постои отворена спрега меѓу нив.
Вчера апелиравме дека власта нема контрола и дека криминалот царува, не поминаа ни 24 часа, а сведоци сме на фрлени бомби во угостителски објект и вооружен грабеж како од филмска сцена.
Синоќа во 1 часот и 35 минути по полноќ на угостителски објект во близина на Бит пазар е испукан проектил од рачен фрлач, при што е оштетен објектот каде што е фрлен проектилот, но оштетени се и соседните објекти. МВР случајот уште го нема расчистено. Се молчи и за опожарено возило на сопственик на неколку казина.
Во третиот случај со закана со автоматски пушки ограбена е експозитура на Халк банка во Визбегово на Качанички пат. Разбојниците украле непозната сума на пари. Како на филм ги легнувале на земја вработените и им се заканувале дека ќе ги убијат. МВР и во овој случај не реагира. Сторителите се непознати, а штета е направена.
Власта предводена од Зоран Заев и Оливер Спасовски не можат да воспостават ред.“, изјави Ѓорѓиевски.