Гоце Трајковски се предаде на полицијата, дознава „Скопје1“ од свои извори.
Тој пред краток период, сам отишол во ПС Кисела Вода.
Се работи за лице кое е осомничено за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода, а воедно е и сведок во предметот за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска.
Тој, заедно со таткото на Вања, активно го истражувал случајот, собирајќи и прегледувајќи снимки. Беше планирано да се појави на судењето на 15 ноември, но неговата мајка, Кираца Трајковска, која исто така била сведок, изјави дека имал здравствени проблеми.
Подоцна, Обвинителството објави дека тој е осомничен за подметнување пожар, бидејќи, според нивните податоци, на 13 ноември со уште три лица запалил кафуле во зграда во Кисела Вода.
Трајковски беше меѓу првите кои се приклучија во потрагата за 14-годишната Вања. На последното рочиште за убиството, Обвинителството предложи да се одложи читањето на изјавата и да се почека, бидејќи се надеваат дека ќе успеат да го пронајдат Трајковски. Одлуката кога ќе биде повикан на сослушување ќе ја донесе судот.