Триесет и пет години по референдумот за независност, првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски смета дека Македонија треба да ја гледа независноста во поширока историска и геополитичка слика.
Во интервју за 4ТВ, Гоцевски оценува дека најголемото достигнување е што Македонија за првпат во својата историја има суверена и независна држава со сопствени институции.
Тој посебно ја издвојува армијата и членството во НАТО.
Според неговото гледиште, со влезот во НАТО Македонија добила дополнителна стабилност во услови на сложената геополитичка положба на Балканот.
Но, Гоцевски истовремено предупредува дека независноста не значи дека сите проблеми се решени.
Како слабости ги издвојува бавната демократизација, недоволното функционирање на правната држава, проблемите со поделбата на власта и партизацијата на државната администрација.
„Најголем дел од проблемите произлегуваат и од одложувањето на демократизацијата на општеството“, оценува тој.
Според Гоцевски, создавањето и стабилизирањето на државата е долг процес, но Македонија мора побрзо и посамостојно да ги решава сопствените проблеми.
За 4ТВ, неговото сведоштво е особено важно бидејќи не зборува само за 8 Септември 1991 година, туку за процесот на подготовка што, според него, започнал години порано – во разговори, лични контакти и неформални состаноци за иднината на Македонија.