Град Скопје на терен: Се санираат дупките и се ослободуваат тротоарите

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека во моментот се изведуваат повеќе паралелни активности на различни локации во главниот град, со цел подобрување на сообраќајната и урбаната инфраструктура.

Според него, екипите на Градот интервенираат со ладен асфалт за затворање на ударните дупки на булеварите и улиците – брзи поправки кои се неопходни во зимски услови. Ѓорѓиевски најави дека напролет, кога временските услови ќе бидат поповолни, ќе следува темелна и целосна реконструкција на коловозите.

Паралелно со овие активности, во тек е и поставување на заштитни столбчиња на тротоарите, со цел да се спречи нивно узурпирање од паркирани возила.

„Тротоарите не се паркинзи и повеќе нема да дозволиме така да се третираат“, истакна градоначалникот.

Во централното градско подрачје и на други локации се поставува и нова урбана опрема, со која Градот сака да внесе повеќе ред, функционалност и достоинствен изглед на јавниот простор.

Ѓорѓиевски нагласува дека тековните активности се само вовед во поголемите проекти кои се планирани за наредниот период, додавајќи дека тимот работи „чекор по чекор“ за да го врати Скопје на местото кое, како што вели, го заслужува.