Драматична ноќ во Зелениково, каде пожар околу два часот по полноќ се приближил до последните куќи на ридот над населеното место. Со брза интервенција на жителите, доброволните и професионалните пожарникари, како и на Општина Зелениково, огнот бил запрен пред да ги зафати домовите.
За случувањата информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој наведе дека околу 2 часот по полноќ добил телефонски повик од видно вознемирена жителка која побарала помош бидејќи пожарот се приближувал кон нејзината куќа.
Според Ангелов, веднаш бил известен дежурниот пожарникар во Скопје, од каде му било потврдено дека за пожарот веќе знаат и дека противпожарно возило од станицата во Драчево било упатено кон Зелениково.
Ангелов во тој момент се враќал од Македонски Брод, каде биле направени подготовките за денешната интервенција на пожарот што гори на висок и тешко пристапен карпест терен. По повикот, тој се упатил кон Зелениково и околу половина час подоцна пристигнал на критичната локација.
За пожарот во меѓувреме бил известен и градоначалникот на Зелениково, Коста Маневски, кој, како што наведува Ангелов, веднаш го активирал општинското противпожарно возило и лично го одвезол до куќите кон кои се движел огнот.
На терен пристигнале и припадници на Доброволното противпожарно друштво од Зелениково и започнале со гасење.
Во спречувањето на ширењето на пожарот помогнале и самите жители од најзагрозените куќи. Тие претходно прскале со вода околу објектите и отстранувале грмушки и дрвја кои можеле дополнително да придонесат за ширење на пламените јазици.
„Сите заедно успеале да ја сопрат огнената стихија пред да стигне до првите куќи“, соопшти Ангелов.
Тој упати благодарност до градоначалникот Маневски, жителите на Зелениково, доброволните пожарникари и скопската противпожарна бригада за брзата реакција, оценувајќи дека пожарот можел да предизвика сериозни последици и да уништи повеќе куќи.
Ангелов најави и дека со доброволните пожарникари од Зелениково е договорено тие да бидат вклучени во Тимовите за брз одговор на ДЗС, а Дирекцијата да им обезбеди заштитни униформи, противпожарни напртњачи и метли за нивниот иден огнен тим.
По интервенцијата пожарот бил ставен под контрола, без да бидат зафатени куќите.
Ангелов повторно апелира до граѓаните на максимална внимателност поради високата опасност од пожари.
„Доволна е само искра за вистинска катастрофа“, порача тој.