Македонија

Градски парк добива 60 нови садници по невремето, започна обновата на зеленилото

Градски парк добива 60 нови садници по невремето, започна обновата на зеленилото

Последиците од силното невреме што го зафати Скопје продолжуваат да се санираат. По паднатите дрвја и оштетената урбана опрема во Градскиот парк, екипите на Град Скопје започнаа со обновување на зеленилото и засадување нови садници.

Од Град Скопје информираат дека денеска се засадени 60 нови садници јавор и јасен, кои треба да придонесат за повеќе зеленило, сенка и почист воздух во еден од најпосетуваните делови на градот.

„Страшното невреме, проследено со силен ветер со оркански удари, остави тешки последици низ градот, но и во срцето на Скопје – во Градскиот парк. Паднаа голем број дрвја, а беше оштетена и урбаната опрема“, велат од Град Скопје.

По вчерашната акција за расчистување на последиците, денес продолжија активностите за враќање на зелената површина во првобитната состојба. Од градската администрација најавуваат дека ова е само почеток и дека паркот ќе биде дополнително збогатен со нови дрвја, зеленило и содржини.

„На местото на секое паднато дрво ќе никне нова надеж, а паркот повторно ќе биде уште позелен, поубав и подостоен за скопјани“, порачаа од Град Скопје.

Паралелно со обновата на Градскиот парк, екипите продолжуваат со отстранување и санација на штетите предизвикани од невремето на повеќе локации низ Скопје.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни