Граѓаните без оглед на возраста треба да бидат одговорни кога ги објавуваат или даваат своите лични податоци, апелираат од Агенцијата за заштита на лични податоци, укажувајќи дека бројот на злоупотреби секоја година се зголемува.
– Сите граѓани без оглед на возраста треба да бидат одговорни кога ги објавуваат личните податоци. Често гледаме како заради остварување на права, добивање на награди, кога аплицираат за нешто или за да одат на некое патување, со голема леснотија разменуваат свои податоци дури и слики и лични карти. За жал, некои од нив претрпеле или ќе претрпат парична загуба, нарушување на угледот и честа, дури и некогаш може да чини и нечиј живот. Затоа е потребно сите да се однесуваме одговорно во однос на нашите постапки, истакна Слободанка Славковска, виш супервизор од Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) при одбележување на Европскиот ден за заштита на личните податоци.
На 28 јануари секоја година се одбележува Европскиот ден за заштита на личните податоци, на годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, првиот правно обврзувачки меѓународен документ во областа на личните податоци. Заштитата на личните податоци кај нас е гарантирана и со Уставот, а во февруари 2020 година беше донесен нов Закон за заштита на лични податоци. Целта на овој закон, покрај усогласување на националното законодавство со Општата регулатива за заштита на личните податоци (ГДПР) на Европската Унија, беше да одговори на предизвиците предизвикани од зголемената употреба на дигитални алатки во обработката на личните податоци.
Европскиот ден за заштита на личните податоци кај нас беше одбележан вчера, а властите и претставниците на ЕУ апелираа за доследно спроведување на Законот за заштита на личните податоци. АЗЛП, како што истакна нејзиниот директор Имер Алиу, се соочува и со недостиг на вработени.
