Во својата последна колумна насловена „Бакарот е иднината“, аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов, се осврна на тезите кои во јавноста ги пласираат, како што ги нарекува, лажните еко-активисти кои се противат на отворањето на рудници. Тој потсетува дека ако до 31.12.2024 нема придвижување во реализација на административните процедури за почеток на инвестицијата во рудникот за бакар во Иловица, следува меѓународна арбитража, тешка милијарди евра.
-Дали има или нема правен основ како што тврдат лажните еко активисти, ќе има мегдан истите да се објаснуваат. И за Казандол некој тврдеше дека ќе поминеме лесно, па еве најавата е дека штетата ќе биде 450 милиони евра за сите даночни обврзници. Лажните еко активисти спречуваат инвестиција од која директен или индиректен бенефит би имале повеќе од 3 илјади луѓе во Струмичката котлина, пишува Грозданов.
Во продолжението на колумната, металуршкиот инженер ги демантира, како што пишува, невистините што ги изнесуваат активистите, поконкретно Костадин Ристоманов.
-Ќе се загадела водата и во наредните 2000-3000 години ќе останела загадена. Таква научна теорија не постои; Ќе се иселеле сите од Котлината. Споредбени информации за иселувањето на граѓаните со пописите од 2002 и 2021 година се следниве. Општина Босилово во 2021 има 11.508 жители или 14.260 жители во 2002 година. Општина Ново Село 6.972 жители во 2021 година или 11.567 жители во 2002 година. Се е јасно; Ќе се загадела цела Струмичка котлина. Без рудник Струмица на 27.12.2021 година бил прогласен за најзагаден град во Македонија. Ова е само дел од наративот со кој се служат лажните екологисти кога упорно тврдат дека нов рударски комплекс сигурно ќе штети на здравјето на луѓето и животната средина, смета Грозданов.
Аналитичарот се осврна и на тезите на активистот Крум Велков, од кои, како што додава, може да се створи слика за идеологијата што овие активисти ја застапуваат.
-Еве уште еден пример. Кога Н.Е. на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска г-динот Метју Лосон и даде честитка на Претседателот на Македонија г-ѓа Гордана Сиљановска Давкова со посебен акцент за развој на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство вклучувајќи го и сојузништвото во НАТО алијансата, добивме коментар и од господинот Крум Велков, кој треба да се цитира за да се добие уште еднаш слика за тоа со кого си имаме работа и чии идеологиите застапуваат овие луѓе. „Благодариме господине за Вашиот напор и увереност. Би Ве замолиле за дополнително појаснување на терминот „климатски промени“, што веруваме не би било тешко, со оглед на фактот дека многубројни учени и честити луѓе и од Вашето кралство тврдат дека такво нешто не постои. Исто така, ќе дозолите сами да решиме од каде да „почнеме“. Ви посакуваме повеќе сончеви денови, подобро здравје и нови, се надеваме поверодостојни кралски портрети.“ Не треба да не зачудува што во дел од руските медиуми токму ова лице се означува како наводен бранител на дел од нивните економски операции кои неодоливо асоцираат на рудникот за бакар изграден во 70 години на минатиот век во Југославија, кој се наоѓа на неколку десетици километри од Иловица (за кој овие лажни еко активисти никогаш не протестирале) и кој случајно има сопственици кои со разни шеми се обидуваат да го сокријат рускиот капитал. „Трафигура“ инвеститорот во рудникот Иловица е дел од Комонвелтот, заклучува Грозданов.