Македонија

Грозданова: Намален е опфатот со вакцинација, некои помлади доктори во 2024 прв пат во живо слушнаа како звучи магарешка кашлица

Грозданова: Намален е опфатот со вакцинација, некои помлади доктори во 2024 прв пат во живо слушнаа како звучи магарешка кашлица

Инфективните заболувања и понатаму се присутни, а намалениот опфат со вакцинација може да доведе до нивно повторно појавување, предупреди проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Како пример таа ја посочи епидемијата на пертусис, односно големата или магарешка кашлица, во периодот 2024-2025 година.

„Помладите доктори прв пат во живо слушнаа како звучи магарешка кашлица, пертусис“, рече Грозданова, посочувајќи дека дел од младите лекари во текот на своето образование и првите години од професионалната пракса немале можност да се сретнат со ова заболување.

Според неа, повторното појавување на пертусисот не било резултат на појава на нова болест или нова вакцина, туку на намалениот опфат со имунизација.

„Не стануваше збор за нова болест, ниту за нова вакцина. Стануваше збор само за намалување на опфатот“, нагласи Грозданова.

Таа предупреди и на ризикот од повторно појавување на полиомиелитисот. Иако полиото е елиминирано во Македонија и во земјите од Западна Европа, вирусот и понатаму циркулира во делови од светот.

Како земји во кои сè уште се регистрираат случаи, Грозданова ги посочи Авганистан и Пакистан, поради што, според неа, движењето на населението и миграциите претставуваат дополнителен фактор за ширење на инфективните заболувања.

Грозданова порача дека ваквите примери покажуваат оти инфективните болести не се само дел од минатото и дека одржувањето на високиот опфат со вакцинација останува важен дел од превенцијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни