Артан Груби и неговиот адвокат поднеле жалба на одлуката на Кривичниот суд за притвор од 30 дена, кој му е определен по неговото бегство на Косово.
Груби избега пред полицијата да го претресе неговиот дом поради сомнежи за корупција и влијание во случајот со Државната лотарија. Кривичниот суд најави дека во следните денови ќе донесе одлука по жалбата.
Вакво барање има поднесено и Прпарим Бајрами, поранешен директор на Државната лотарија, кој исто така е под ист притвор. Неговиот адвокат вели дека ќе бара укинување на мерката. Бајрами не е во државата, а адвокатот тврди дека тој веќе неколку месеци живее и работи во странство.
Груби и Бајрами се осомничени за проневера на осум милиони евра во Државната лотарија. По нив е распишана меѓународна потерница. МВР откри дека Груби го преминал ГП „Блаце“ со помош на полицајци, кои не го провериле правилно и не ги извршиле своите должности.
По акцијата, Груби се огласи на социјалните мрежи, ветувајќи дека ќе се врати во Македонија, но од тогаш не се има огласено и се нема вратено.