Во миговите кога требаше да оди да ја отслужи казната затвор од две години за случајот „Тенк“, Никола Груевски замина во Унгарија каде побара политички азил, и денеска го доби. Груевски денеска меѓудругото напиша дека имал сознанија дека во затворот „Шутка“ му се подготвувала ликвидација, и дека со овој потег единствено можел да се бори за, како што вели, македонската кауза.
„Јас одлучив да не ја исполнам желбата на СДСМ, додека тие ја разграбуваат и распродаваат државата и националните интереси да седам затворен со политичка одлука и секојдневно да се борам за преживување во затворот, за каде добив сознание дека ми се подготвува ликвидација.
Одлучив да ја продолжам борбата за македонската кауза, за каузата на Република Македонија, на начин на кој единствено можам во моментот, на начин на кој многу други личности низ историјата кога имале можност го правеле. И како што кажав во претходната објава, јас никогаш нема да се одкажам од таа кауза.
Јас не избегав од правдата,туку користејки други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија.
Јас до последен момент, иако гледав колку неправедно ме обвинуваат и судат, иако беше видливо дека судиите уште пред да го почнат судењето и пред да ги погледнат доказите, ја знаеја пресудата, секојдневно, како никој досега се соочував со правдата, се до моментот кога актуелната влада не одлучи неправедно и со политичка одлука да ме стави во затвор а потоа и да ме ликвидира.
Јас јавно кажав дека сум подготвен да одам во затвор доколку Заев се одкаже од погубните политики за Македонија и малтретирањето други луѓе.
Но тој очигледно сака се. Сака и да ја реализира распродажбата на националните интереси, и да го реализира разграбувањето на државата, и да ги суди и осуди стотици мои соработници и мене да ме затвори и ликвидира.
Одлучив да се борам и да се спротиставам на овој кукавица кој безочно секојдневно го лаже и краде својот народ и ја злоупотребува државната функција на која дојде на нечесен начин“, напиша Груевски.
