Светот се обедини за да му оддаде почит и помош на Ахмед ал Ахмед (43), херојот од Сиднеј кој ризикувајќи го својот живот, спречи поголема трагедија за време на антисемитскиот напад на плажата Бонди. Додека тој се опоравува во болница од прострелните рани, донациите за него надминаа 1,1 милион австралиски долари (околу 744.000 американски долари).
Ахмед, кој работи како продавач на овошје и зеленчук и е татко на две деца, стана симбол на храброста. Во моментите на хаос, додека напаѓачите пукале кон толпата за време на прославата на еврејскиот празник Ханука, тој не побегнал.
Се криел зад автомобил, па тргнал во напад
Според сведоштвата и видео снимките, Ахмед првично се криел зад паркирани автомобили. Во клучен момент, тој му се нафрлил на еден од напаѓачите, успеал да го собори на земја и да му го одземе оружјето. Во таа борба, тој бил застрелан двапати – во дланката и во раката – од страна на вториот терорист, но неговиот потег спасил многу животи.
Погледнете го моментот
„Најдоброто од човештвото“
Австралискиот премиер Ентони Албаниз го нарече Ахмед вистински херој.
„Она што го видовме во последните 24 часа беше најлошото од човештвото во вид на терористички чин. Но, видовме и пример за најдоброто од човештвото во Ахмед ал Ахмед, кој се стрча кон опасноста, ставајќи го својот живот во ризик“, изјави Албаниз.
Пофалби пристигнаа и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го опиша како „многу, многу храбра личност“.
Поранешна полициска обука и инстинкт за заштита
Таткото на херојот, Мохамед Фатех ал Ахмед, откри дека неговиот син има искуство во безбедносните служби, што веројатно пресудило во критичниот момент. „Мојот син е херој. Служел во полицијата и има страст да ги брани луѓето. Кога видел луѓе како лежат на земја и во крв, неговата совест го натерала да нападне еден од терористите“, изјави гордиот татко.
Глобална солидарност: Донација од милијардерот Бил Акман
Кампањата на „GoFundMe“ за Ахмед експлодираше во рок од само еден ден. Меѓу илјадниците донатори се издвојува и милијардерот Бил Акман, кој донирал 99.999 долари.
Биланс на нападот:
- Напаѓачи: Татко и син – Саџид Акрам (50, убиен на лице место) и Навид (25, во критична состојба). Саџид бил во Австралија од 1998 година, а синот е роден таму.
- Жртви: Повредени се 27 луѓе на возраст од 10 до 87 години, од кои најмалку шестмина се во критична состојба. На плажата во тој момент имало околу 1.000 луѓе.
