Недоволната функционална писменост кај младите не е само проблем на образовниот систем, туку и сериозна закана за иднината на општеството. Ова го предупреди Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени, посочувајќи дека загрижувачките резултати од меѓународното ПИСА-тестирање бараат долгорочни решенија, а не само краткотрајни реакции.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи оцени дека јавноста и институциите посветуваат внимание на лошите резултати само неколку дена по нивното објавување, по што темата повторно се заборава.
„Поразителни се за општеството резултатите од ПИСА. Исто така, многу е поразително што дискусиите за резултатите од ПИСА ни траат само една недела, кога ќе се објават резултатите. Сега се заборава, никој не зборува за тоа“, изјави Ходаи.
Како особено загрижувачки податок го посочи фактот дека 74 проценти од 15-годишните ученици не го разбираат прочитаното. Според него, последиците од ваквата состојба ќе бидат видливи и во нивното идно учество во општествените и политичките процеси.
„Тоа се 74 проценти од 15-годишните деца кои не разбираат што читаат. Тоа е поразително. За три години ќе имаат право на глас, ќе гласаат на избори, ќе избираат претставници на народот, нивни претставници. За четири години ќе бидат студенти, академски граѓани“, нагласи Ходаи.
Тој смета дека Министерството за образование и наука треба да преземе иницијатива за широка дебата во која ќе бидат вклучени сите релевантни чинители во образовниот процес. Целта, според него, треба да биде утврдување конкретни мерки за надминување на слабостите и подобрување на квалитетот на образованието.
Ходаи оцени дека македонското образование се соочува со сериозна криза, за чие надминување е потребен системски и институционален пристап, наместо повремени реакции секогаш кога ќе бидат објавени нови лоши резултати.