Утринава околу 5 часот во нова станбена зграда во скопската населба Кисела Вода изби пожар пред влезот на објектот. Станарите, разбудени од силен чад, полициски тропања и детонации што личеле на експлозии, панично ја напуштале зградата.
- Причина: Според станарите, пожарот почнал од електрична инсталација на која претходно се работело
- Зградата е без електрична енергија; жителите стравуваат од подолга санација
Како започнал пожарот (сведоштва)

Според искази на жители за 4news.mk се запалила електрична инсталација и на која извесен период претходно се изведувале работи. За неколку минути, силниот чад го исполнил влезот, а дел од станарите ги разбудила полицијата и силни детонации што, како што велат, потсетувале на експлозии.
„Беше како сцена од хорор филм. Се слушаа удари како бомби. Луѓето панично излегуваа, не знаејќи што се случува. Многу беше страшно, преживеавме огромен стрес“, раскажуваат вознемирени станари.
Евакуација
Во паника, семејства со мали деца и бебиња во раце трчале по скалите за да се спасат од чадот и огнот. Дел од нив излегле надвор боси и облечени само во пижами, без можност да земат лични работи или документи. Детонациите се слушале и на повисоките катови, предизвикувајќи дополнителен страв и неизвесност.
Штета и загрижености
Во моментов зградата е без електрична енергија. Станарите стравуваат дека отстранувањето на штетите и целосното нормализирање може да потрае со недели, па дури и цел месец. Особена загриженост предизвикува тоа што во влезот има игротека и простор каде секојдневно престојуваат деца.
„Среќа што беше рано наутро и немаше деца надвор. Не сакаме ни да помислиме што можеше да се случи доколку беше преку ден“, велат дел од жителите.
Полицијата од утрово е присутна на местото на настанот. Се очекува надлежните служби да ги утврдат точните причини за пожарот и евентуалната одговорност. Станарите бараат итна истрага и целосно расчистување на случајот.