Хрватска ќе биде првата земја која официјално ќе ја посети Мицкоски

Хрватска ќе биде првата земја во која ќе замине премиерот Христијан Мицкоски на официјална посета. Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски информира дека за време на посетата, меѓу двете земји ќе бидат потпишани договори и програми за соработка во областа на здравството и образованието. Муцунски веќе се наоѓа во Загреб, каде се обрати на Годишната конференција на хрватските амбасадори. Тој пред нив истакна дека процесот на проширување на Унијата треба да се одвива врз основа на објективни критериуми и стандарди, а Македонија во меѓувреме ќе продолжи да гради добри односи со соседите на сите полиња.

„Хрватска останува наш клучен партнер. Хрватска останува еден од тие партнери во Европската Унија, којшто го поддржува принципиелниот пристап на проширување на Европската Унија, врз основа на критериуми, врз основа на повисоки стандарди и би рекол дека одличните релации и ваквиот тип на средби ќе продолжат со засилена динамика во иднина.“, рече Муцунски.