Револтот на жителите на Аеродром не запира ниту за време на празникот. Четврти ден по ред, граѓаните попладнево повторно ја блокираа клучната раскрсница меѓу булеварите АСНОМ и Србија, истрајни во барањето за итно решение на еколошката катастрофа со дивата депонија Вардариште.
Дури и на Денот на независноста, жителите на оваа скопска општина се собраа во 18 часот на мирниот протест, испраќајќи порака до надлежните дека проблемот со загадениот воздух и неподносливата миризба е поитен од било каква прослава.
Протестите започнаа во петокот, како реакција на пожарот што избувна на депонијата пред повеќе од една недела, а кој сè уште предизвикува загадување на воздухот во источниот дел на Скопје.

Како што најавија, граѓаните ќе продолжат со секојдневните блокади во 18 часот сè додека градските и државните власти не преземат конкретни и трајни мерки за решавање на деценискиот проблем со Вардариште.