Македонија

ИЈЗ: 56 нови случаи на грип неделава – бројот расте во споредба со лани

ИЈЗ: 56 нови случаи на грип неделава – бројот расте во споредба со лани

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 20 до 26 октомври, во земјава се регистрирани 56 групни пријави на заболувања од грип и заболувања слични на грипот, што претставува намалување од 32,5 проценти во споредба со претходната недела. Сепак, податоците покажуваат дека бројот на заболени оваа сезона е поголем отколку во истиот период лани.

Во 43. недела од минатата сезона биле евидентирани 42 заболени лица, што претставува зголемување од 33,3 проценти во однос на тогашните бројки, додека во споредба со моделот за последните 15 сезони се бележи намалување од 10,5 проценти, наведуваат од ИЈЗ.

Најмногу случаи неделава се пријавени во Гостивар (20) и Куманово (15), потоа следуваат Прилеп со 7 случаи, Тетово и Радовиш со по 5, како и Струмица и Македонски Брод со по 2 пријавени случаи.

Најголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години – вкупно 48. Петмина се над 65 години, двајца се деца на возраст од 5 до 14 години, а едно лице е на возраст под 4 години. Инциденцата сè уште е под прагот на сезонската активност на вирусот на грип (I=22,03 на 100.000 жители), што значи дека земјава сè уште не влегла во активната сезона на грип.

Од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се вкупно 244 случаи на грип и заболувања слични на грипот. Тоа е зголемување од 64,9 проценти во однос на истиот период лани, а во споредба со просекот од последните 15 сезони, растот изнесува 21,9 проценти.

ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата против сезонски грип останува најефикасната мерка за заштита од инфекцијата. Препораката важи за целото население, особено за ризичните групи — постарите лица над 65 години, децата на возраст од 6 до 59 месеци, лицата со хронични заболувања, бремените жени и здравствените работници.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни