Македонија

ИЈЗ со препораки за заштита од високите температури!

ИЈЗ со препораки за заштита од високите температури!

Со оглед на најавените високи температури од 6 до 8 јуни и претстојните празници, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати серија препораки за граѓаните со цел заштита од можните здравствени последици предизвикани од топлотниот бран. Надлежните предупредуваат дека топлото време може сериозно да влијае врз здравјето, особено кај ранливите категории на населението.

Опасностите од топлината

Кога надворешната температура се доближува или ја надминува телесната температура од околу 36,7°C, способноста на телото да се лади се намалува. Дополнително, високата влажност го отежнува испарувањето на потта и го отежнува разладувањето на организмот. Симптомите на прегревање можат да вклучуваат вртоглавица, слабост, гадење, прекумерно потење или, во потешки случаи, престанок на потење, конфузија, несвестица и дури и животозагрозувачка состојба.

Кои се најзагрозени?

Најранливи се лицата постари од 60 години, децата, бремените жени, работниците на отворено и социјално ранливите граѓани. Дополнителна претпазливост се препорачува и за лицата со хронични болести – особено срцеви, белодробни, бубрежни заболувања, дијабетес и ментални нарушувања, како и оние што примаат диуретска или друга чувствителна терапија.

Препораки за заштита

Институтот повикува на почитување на следните мерки:

  • Избегнување на изложување на сонце меѓу 11 и 17 часот;
  • Носење светла и лесна облека, капи и очила за сонце;
  • Престој во климатизирани или засенчени простории;
  • Затворање на прозорци во текот на денот и проветрување навечер;
  • Пијте многу вода, избегнувајте алкохол и кафеини;
  • Избегнување на масна и тешка храна;
  • Редовно туширање или користење ладни облоги;
  • Никогаш не оставајте деца или животни во паркирано возило.

Што да правите ако се појават симптоми?

Ако почувствувате слабост, зашеметеност, жед, главоболка или грчеви:

  • Престојувајте на ладно, внесете течности;
  • Ако симптомите траат, побарајте медицинска помош;
  • Во случај на несвестица или сериозни симптоми – веднаш повикајте 194 или 112.

ИЈЗ апелира хронично болните да ја следат редовната терапија и навремено да се консултираат со матичниот лекар при секоја промена во здравствената состојба.

За повеќе информации

Граѓаните може да се информираат преку Акцискиот план за превенција на последици од топлотни бранови (2025–2030) достапен на официјалната веб-страница на Институтот за јавно здравје.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни