На денешната седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, пратениците од ВМРО и СДСМ повторно се обидоа да го стават на дневен ред предлог-законот за „бранители“. Како и во минатото, јас го отфрлив овој предлог, повикувајќи се на Деловникот за работата на Собранието и на основниот принцип на еднаквост на сите граѓани, изјави Илире Даути од Алијанса за Албанците.
„Им ја нагласив мојата цврста определба дека не можеме да дозволиме воведување закон кој ќе фаворизира само одреден дел од граѓаните, а ќе исклучува други. Барав и понудив можност за организирање јавна дебата во која ќе се разгледаат правата на сите учесници во вооружениот конфликт од 2001 година – како на припадниците на полицијата и армиските сили, така и на припадниците на ОНА. Оваа држава има еден буџет, кој го полнат сите граѓани, и од него треба да имаат корист сите граѓани“, додаде Даути.
Таа истакна дека еднаквоста е основниот принцип по кој треба да се води државата, и нагласи дека ова прашање треба да се решава на начин кој ќе го почитува достоинството и правата на сите граѓани, без исклучоци.