Новата Фискална стратегија најавува забрзување на инвестициите во реалниот сектор, а меѓу проектите кои би можеле да имаат корист од новите политики е и „Иловица-Штука“. Според најавите, во наредниот период ќе се издаваат повеќе дозволи за ископ и експлоатација на минерални суровини, со цел да се поттикнат нови инвестиции и економски раст.
Дополнителен сигнал за инвеститорите претставува и новата Фискална стратегија 2027-2031, која предвидува услови за зголемување на инвестициите и намалување на административните пречки за развојни проекти.
Во текстот се потенцираат новите стратешки приоритети и цели во областа на енергетиката, кои се насочени и кон „подобрување на управувањето со природните ресурси и нивно рационално искористување“. Според стратегијата, целите во наредниот среднорочен период ќе се остварат преку „воведување на најдобри современи достапни практики при искористувањето на минералните суровини преку истражување и експлоатација на минералните суровини“.
„Исто така се предвидува планирање, поттикнување и инвестирање во истражување на сите видови на минерални суровини со посебен осврт кон ретките (критични) минерални суровини, експлоатација и одржливо искористување на минералните суровини преку истражувања и експлоатација на минералните суровини и рекултивација на површини каде што се исцрпени минералните суровини“, пишува во текстот.
Еден од критичните минерали кои ги поседува Македонија е и бакарот, а само рудникот во Иловица би можел да произведува просечно околу 16.000 тони бакар годишно, во период од 20 години. Фискалната стратегија најавува поддршка за инвестициите, а само оваа инвестиција во првата фаза на изградба на рударскиот комплекс би тежела 340 милиони евра. Дополнително, станува збор и за стотици вработувања, а во текот на целиот период од оперативното работење ќе се исплаќаат и околу 75 милиони евра секоја година на повеќе локални и регионални компании кои се занимаваат со угостителство, земјоделство и прехранбена индустрија, текстилна, хемиска и дрвена индустрија, занаетчиство, одржување и тековно сервисирање. Секоја година редовно ќе се исплаќаат и приближно по 24 милиони евра за законски давачки, даноци и такси во државниот буџет.
Фискалната стратегија предвидува и индикатори според кои ќе мери дали се исполнуваат целите. Па така, посебни ставки се издадените концесии за детални геолошки истражувања и издадените концесии за експлоатација на минерални суровини. За пример, во 2024 година државата издала само една концесија за детални геолошки истражувања, а сега се очекува да издава по петнаесет годишно, во периодот од 2026 до 2030 година. За да се исполнат целите, ќе се издаваат и повеќе концесии за експлоатација на минерални суровини. Во целата 2024 година власта издала само седум вакви концесии, додека пак од сега до 2030 година се предвидуваат по дваесет концесии на годишно ниво.
Неодамна усвоената Фискална стратегија, која е насочена кон макроекономска стабилност, одржливост на јавниот долг и поддршка на економскиот развој. Во анализата, на светско ниво се истакнува побарувачката на металите, а дополнително се потенцира и „обезбедување на простор за капитални инвестиции кои го поддржуваат растот“.
„Металите бележат раст поради ограничена понуда и силна индустриска побарувачка. Цените на основните метали поради прекини на производството во рудниците, додекаа побарувачката во индустриските сектори останува стабилна. Благородните метали првично растеа како безбедно засолниште, но потоа делумно се корегираат поради зајакнување на доларот и промени во каматните очекувања. Од друга страна, пазарот на ретки метали е високо концентриран, особено во Кина, што создава стратешки ризици за глобалните синџири на снабдување. Овие материјали се клучни за електрониката, автомобилите и зелената енергија, па нивниот недостиг може да предизвика значајни економски загуби“, се вели во Стратегијата.
Во меѓувреме, рударството има се помало учество во индустриското производство во Македонија, а секоја година тоне и бројот на вработени во оваа гранка. Во државата функционираат само четири рудници за метали, а значаен рудник се нема отворено во изминатите 40 години.