Граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ алармира дека според официјалната статистика, секоја година во Општина Охрид околу 145 лица умираат директно или индиректно поради загадениот воздух, додека сè поголем број граѓани се разболуваат од болести поврзани со загадувањето и лошиот квалитет на животната средина.
Иницијативата ги повикува кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори јавно да се обврзат со конкретни чекори за намалување на смртноста и загадувањето.
„Овие избори не смеат да поминат без јавни и отворени заложби за решавање на најгорливите проблеми на охриѓани – загадениот воздух, нелегалните депонии, канцерогениот отпад, уништените зелени површини и загадувањето на Охридското Езеро“, велат од „Збогум Буково“.
Во Охрид се спроведуваат почетни активности за воспоставување на систем за управување со отпад во Југозападниот и Пелагонискиот регион, но моменталната работа се сведува на напори од само неколку луѓе во Општината, комуналното претпријатие и граѓански активисти.
Од иницијативата потенцираат дека без континуирана поддршка и сериозна вклученост на локалната власт, сите досегашни планови ќе останат само на хартија, а бројот на жртви и заболени од загадување ќе расте.
„Секој ден без акција е изгубен ден од животите на нашите деца. Ова не е само еколошка, туку јавно-здравствена криза“, предупредува екологистот Ѓоко Зороски.
Што бараат од кандидатите?
Од „Збогум Буково“ бараат кандидатите:
Да презентираат конкретни рокови и мерки за:
Намалување на загадувањето од депонијата во Буково,
Заштита на подземните води,
Воспоставување на инфраструктура за селекција на отпад,
Изградба на регионална депонија по еколошки стандарди,
Изградба на собирен центар за кабаст, зелен и опасен отпад,
Изградба на компостарница за преработка на зелен отпад,
Зајакнување на инспекциските служби и
Зголемување на зелените површини.
Тие ја поздравуваат и иницијативата на учениците од четири основни училишта во Охрид, кои цела година собираат пластика, лименки и електронски отпад не само во училиштата туку и во околината.
„Тоа се илјадници шишиња и батерии што не завршуваат во огнот на Буково. Благодарност до посветените наставници и ученици – во нив е надежта“, велат од иницијативата.
Системот за управување со отпад подразбира и инфраструктура за примарна селекција во домаќинствата, угостителските објекти и индустријата. Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ неодамна подели канти за селекција на отпад на 600 домаќинства како дел од овие напори.