Македонија

Инспектори затекнале лица како нелегално истураат шут во Аеродром и на „Рузвелтова“

Инспектори затекнале лица како нелегално истураат шут во Аеродром и на „Рузвелтова“

Лица кои нелегално истурале шут и градежен отпад на три локации во Скопје биле затекнати од инспекциските служби во текот на синоќешната акција, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според него, две од локациите се наоѓаат во Општина Аеродром, а една на улицата „Рузвелтова“ во централното градско подрачје. Сторителите биле веднаш идентификувани и евидентирани, а добиле налог во текот на денешниот ден да се јават во просториите на Град Скопје, каде ќе им бидат изречени соодветни глоби согласно законските прописи.

Воедно, им било наредено уште истата вечер да го отстранат отпадот и да го транспортираат на соодветна депонија, при што ќе треба да приложат кантарска белешка како доказ. Во спротивно, како што најави Ѓорѓиевски, ќе следуваат дополнителни санкции.

„Нема да дозволам поединци да го грдат лицето на Скопје, да ја загадуваат животната средина и да го загрозуваат просторот во кој живееме. За ваквото однесување нема толеранција и ќе има одговорност“, порача градоначалникот.

Тој упати апел до граѓаните за заедничка грижа за јавната чистота, посочувајќи дека инспекциските служби се на терен 24 часа и постојано реагираат на секое нарушување на животната средина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни