Основниот кривичен суд Скопје објави дека е донесена првата домашна пресуда со која обвинет е осуден за кривичното дело „перење пари“, без претходно да постои обвинение или правосилна пресуда за т.н. предикативно кривично дело. Овој случај претставува значаен преседан во македонската судска практика.
Според судот, за утврдување на кривичното дело не е неопходно однапред да се докаже точно од кое кривично дело потекнуваат средствата. Доволно е, врз основа на меѓусебно поврзани докази и индиции, да се утврди дека тие немаат разумно и законско потекло.
Во конкретниот предмет, обвинетиот тврдел дека парите потекнуваат од позајмици и семејно наследство, но судот не ги прифатил овие објаснувања бидејќи не биле поткрепени со веродостојни докази. При оценката биле земени предвид финансиските текови, имотната состојба и други околности што упатувале на криминално потекло на средствата.
Во е-билтенот се посочува дека ваквиот пристап е усогласен со Варшавската конвенција на Советот на Европа и со праксата на Европскиот суд за човекови права, според кои перењето пари се третира како самостојно кривично дело.
Според судот, пресудата испраќа јасна порака дека неубедливите и недокажани објаснувања за потеклото на имотот нема да бидат доволни доколку доказите укажуваат дека средствата не можат да имаат законски извор.