Одредени лица во сите институции на системот доставувале информации до опозициската ВМРО-ДПМНЕ за сите случувањата во нив. Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прашањето што конкретно се случувало и дали во МВР постојат параполициски структури како што рече пратеничката Нола Исмајлоска Старова. За тоа дали се привредени тие лица истакна дека се уште се анализираат доказите и дека ќе се консултираат со другите надлежни институции за натамошно постапување.
„Имаме индиции во медиумите, објавени извештаи кои ги прават одредени структури на ниво на комисии од опозициската партија за следење на одредени настани и поднесување такви извештаи“, изјави Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека министерот Спасовски прави кампања пред претседателските избори.
„Во МВР се случува целосен хаос, а министерот Оливер Спасовски единствено се грижи за својата кандидатура и себепромоција пред претседателските избори. Состојбата во МВР е целосно вон контрола, а доказ за тоа е инцидент во Шуто Оризари“, рече Орце Георгиевски – член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера пратеничката Нола Исмајлоска Старова на собраниска седница постави прашање до министерот Спасовски дали постојат параполициски структури кои следат јавни личности, а потоа во дел од порталите се објавуваат полувистини и се загрозува безбедноста на педесетина лица. Спасовски одговори дека до него стигнал список со сите лица кои испраќаат такви извештаи до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА