Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, потенцира дека лицата кои се наоѓаат на т.н. „црна листа“ се ставени врз основа на конкретни докази собрани од домашните институции.
Во своето гостување во емисијата Ноќно Студио на 4ТВ.мк, Ивановска истакна дека дел од лицата на листата веќе биле предмет на постапки пред Антикорупциската комисија. Таа додаде дека многу од случаите биле поврзани со покрената кривична одговорност, додека дел од предметите сè уште се во тек.
„Неколку пати амбасадорката нагласи дека сите кои се наоѓаат на црната листа се ставени врз база на докази прибрани од домашните институции. Повеќето од тие лица веќе беа предмети за кои имавме покренато кривична одговорност. Има сè уште предмети што се работат, не се сите отфрлени предмети“, изјави Ивановска.
Таа подвлече дека активните случаи укажуваат дека институциите продолжуваат да работат на овие предмети, што, според неа, ја покажува посветеноста на домашните органи во следење и решавање на овие постапки.