Продавницата на модниот бренд „Синсеи“ во Неготино, која синоќа целосно изгоре во голем пожар, требало свечено да се отвори за само една недела, на 3 октомври.
Според наши информации, пожарот избувнал откако се запалила картонската амбалажа што била оставена надвор од дуќанот по отпакувањето на робата за новиот објект.
Инцидентот се случил во доцните вечерни часови, а брзата интервенција на противпожарната единица и евакуацијата на станарите од зградата над дуќанот спречиле уште поголема катастрофа. За среќа, во пожарот нема повредени лица, но материјалната штета е огромна, бидејќи целиот инвентар и новопристигнатата стока се претворија во пепел.
Она што требаше да биде приказна за нова инвестиција во градот, на само неколку дена до отворањето се претвори во голема несреќа и сериозна финансиска загуба за сопствениците. Истрагата за причините за пожарот е во тек.