Македонија

Излегле од дома без трага – Мелиса го бара својот татко, а Фаик трага по нејзиниот брат

Мелиса излегува од дома со фотографијата од нејзиниот исчезнат татко. Известувањето го залепи на оваа бандера.

Ова известување Мелиса го залепи на многу места низ градот од денот кога исчезна татко и. Помина една седмица откако татко и на Мелиса, Алибен Абдул, излегол од дома и не се вратил. Зад себе не оставил никаква трага. Мелиса вели дека татко и бил со добро здравје и немало никаква причина за да замине. Таа бара од сите граѓани доколку го видат татко и, да го известат семејството.

„Мојот апел е, граѓани, соседи, роднини, пријатели, ова е единствен начин да ја рашириме веста и да ја чуваме неговата фотографија со надеж да го најдеме, да му бидеме во трага. Да знаеме каде се движел во последно време, да знаеме што имаме и да знаеме што се случило со татко ми“, изјави Мелиса Абдул.

Според информациите кои ги добило семејството, Алибен последен пат е виден во  Маџари маало, на 1 февруари, а со себе имал една количка за пазарење.  Од тогаш му се губи трагот. Но, ова не е единствен случај. Во последно време се пријавени и неколку други исчезнувања.

Пред две недели исчезна и 33 годишниот Арбен Арслани од населба Скопје Север. Како што вели брат му, на 23 јануари, околу 22 часот и 30 минути Арбен се оддалечил од станот и од тогаш му се губи секаква трага.

Потоа, има два месеца како на социјалните мрежи кружи веста за исчезнувањето на момчето Пино Трпковски. Сите овие случаи се пријавени во МВР од каде известуваат дека работат на нивно расчистување.

„Од почетокот на 2019 година, до денеска во Скопје за исчезнати се пријавени 24 лица, од кои 20 се најдени, а за 4 други интензивно се работи за нивно наоѓање“, велат од МВР.

Во последниве 5 години, во Скопје како  исчезнати се пријавени 990 лица, од кои 881 лице се најдени. За 109 лица се работи за нивно наоѓање.

РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни