Свет

Израел изврши воздушни напади врз позиции на Хамас, Хезболах возврати со дронови

Израел изврши воздушни напади врз позиции на Хамас, Хезболах возврати со дронови

Неколку часа пред договорениот привремен прекин на огнот во Газа за вториот круг вакцинација против детска парализа, Израел изврши воздушни напади врз позиции на Хамас. Погодено училиште во Нусејрат, експлозии и во блискиот камп пред болницата Ал Акса по што избил пожар. Има десетици жртви и повредени. Претходно Хезболах со дронови погоди воена база во северен Израел, четворица војници загинаа, a десетици се ранети во областа Бињамина. Ракетирана и Хаифа.

„Тоа беше ужасна сцена. Експлозијата и шрапнелите по ударот на дронот предизвикаа сериозни повреди“, изјави Рафи Шева, израелски болничар.

Дроновите не ги активирале сирените, најверојатно поради нискиот лет од Либан. Тел Авив води истрага.

„Ќе истражиме како леталото без предупредување може да пробие и да удри во база. Ќе го истражиме овој инцидент, ќе научиме од него и ќе ја подобриме одбраната“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските сили.

Во истовреме, нов инцидент со УНИФИЛ во јужен Либан. Израелски тенкови ја пробиле капијата на базата. Израел го потврди инцидентот. Велат-биле под оган додека тенковите се обидувале да ги евакуираат ранетите војници. Објавија видео од оружјето на Хезболах стационирано на 500 метри од базата на УНИФИЛ. Пред новинарите прикажани тврдењата.

„За нас е многу чудно како базата на ОН не ја виде оваа активност на Хезболах овде“, изјави Јифтах Нуркин, командант на 146-та дивизија на Израелските сили.

УНИФИЛ не ја исполни резолуцијата 1701 на ОН-вели Израел и затоа операциите ќе продолжат до постигнување на целите. Апелираа мировниците да се преместат од областа.

„И наложив на војската да се уништи инфраструктура и да се осигура дека терористите нема да се вратат на овие места. Ова е од суштинско значење за безбедноста на северните заедници на Израел“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

По најавите на Тел Авив за одмаздничкиот одговор на Иран, Техеран дециден дека нема да има црвени линии во одбраната.

„Постои можност за конфронтација против израелската агресија. Исламската Република е подготвена за војна доколку е потребно, но ние сме подеднакво подготвени и за мир. Ова е дециден став на Републиката“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Иран ги предупреди САД да ги задржат своите воени сили надвор од Израел, откако Вашингтон најави испраќање на нов противракетен систем во регионот.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни