Израелски доселеници запалија џамија на окупираниот Западен Брег, а на фасадата на зградата напишаа пароли со омраза и расизам на хебрејски, како „Одмазда“ и „Смрт за Арапите“, пренесува Гардијан.
Абдалах Камил, гувернерот на Салфит, рече дека денешниот напад бил насочен кон џамијата Бар ал-Валидаин во селото Марда, во последниот инцидент на насилство меѓу доселениците.
„Група доселеници извршија напад рано утринава, при што беше запалена џамијата“, рече Камил во соопштението.
Еден од жителите на селото изјави за АФП дека доселениците „го запалиле влезот во џамијата и напишале хебрејски слогани на нејзините ѕидови“.
Друг жител рече дека пожарот бил изгаснат пред да ја зафати целата структура.
Насфат ал-Куфаш, шеф на советодавното тело на селото Марда, исто така потврди „системски терористички напад од група доселеници“, во интервју за Ројтерс.
ОН ги сметаат за нелегални израелските населби на палестинска територија на окупираниот Западен Брег.
Гувернерот Камил изјави дека доселениците претходно влегле во селото „под заштита на израелската армија“ и дека слични вандалски акти и графити биле пријавени во околните области.
Палестинското Министерство за надворешни работи во Рамалах го осуди инцидентот, нарекувајќи го „еклатантен чин на расизам“ и одраз на „широки кампањи на поттикнување омраза против овој народ спроведени од елементи на екстремистичката десничарска влада на Израел“.
Израелската полиција и безбедносната служба Шин Бет во заедничко соопштение рекоа: „Ние го сфаќаме овој инцидент исклучително сериозно и ќе преземеме решителни чекори за да ги изведеме сторителите пред лицето на правдата и да обезбедиме ригорозни судски процеси“.
Насилството на доселениците на нелегално окупираниот Западен Брег се интензивираше од почетокот на војната во Газа на 7 октомври минатата година. До октомври 2024 година, на Западниот Брег беа регистрирани најмалку 1.400 доселенички напади.
Според палестинското Министерство за здравство, од почетокот на војната во Газа, најмалку 803 Палестинци се убиени на Западниот Брег од израелски сили или доселеници.